ЈУБИЛЕЈНО 60. ИЗДАНИЕ НА АГРОФУД 2010 09-11-2010

ЈУБИЛЕЈНО 60. ИЗДАНИЕ НА АГРОФУД 2010
6 ВЛАДИНИ ДЕЛЕГАЦИИ ВО ПОСЕТА НА МАКЕДОНСКИОТ САЕМ ЗА ШИРОКА ПОТРОШУВАЧКА
Најстарата саемска манифестација во Р. Македонија, Meѓународниот саем за широка потрошувачка - АГРОФУД 2010 ќе се одржи од 09.11. до 13.11.2010 година на Скопски саем. Оваа манифестација со традиција долга 60 години, го продолжува трендот на интерес од страна на странски компании за саемско учество во Македонија, но и посета од страна на високи претставници од 6 влади во регионот: Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, Турција, Бугарија и Албанија кои ќе бидат дел од министерската конференција, организирана од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на РМ.
Оваа година Meѓународниот саем за широка потрошувачка - АГРОФУД ќе се одржи на површина од 7000 м2 во 3 изложбени хали, каде повеќе од 100 изложувачи ќе ги претстават своите производи. Во рамките на Агрофуд ќе бидат присутни изложувачи од 6 држави и тоа: Словенија, Хрватска, Бугарија, Италија, Грција и претставници од Србија. Изложувачите на Агрофуд се од различни бранши поврзани со производство и продажба на храна и пијалоци: земјоделска механизација, месна индустрија, производство и одгледување на риби, кондиторски производи, млеко и млечна индустрија, винарии и индустрии за вино, конзервна индустрија и други индустрии поврзани со саемската манифестација (амбалажа, транспорт, ладилиници, хортикулутура итн).
Меѓународниот саем за широка потрошувачка - АГРОФУД, свечено ќе го отвори Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Р. Македонија, г.дин Љупчо Димовски.
Во соработка со Федерацијата на производители на органски производи на Македонија како дел од швајцарската програма за поддршка на увозот – СИППО ќе се одржи ДЕНОТ НА ОРГАНСКО ПРОИЗВОДСТВО на 11.11.2010, во Анекс 2 (10.00 – 19.00). Покрај традиционалните дегустации, овој саем, на кој се очекува да дојдат 20.000 посетители, ќе се одвива и манифестацијата ЕКО-ЕТНО МАКЕДОНИЈА – вкусот на традицијата на која дел од македонските рурални општини ќе ги прикажат спецификите поврзани со нивната гастрономија, фолклор, традиција и култура.
АГРОФУД 2010 предвидува и програма богата со стручни предавања, бизнис форуми, дебати, работилници и билатерални средби, организирани од соодветни стручни институции и тоа: Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на РМ, кое е и покровител на Агрофуд, Агро бизнис комората при Сојузот на Стопански Комори на Македонија, Мрежата за рурален развој на Република Македонија, Федерација на фармери, Здружение на земјоделци на Куманово, СПАТУМ, МАКИНОВА-ЕКОНОВА, АгБиз програма на УСАИД, SWG итн.