СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ27-03-2012
СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ
МЕБЕЛ 2012 – НАЈГОЛЕМ РЕГИОНАЛЕН САЕМ НА МЕБЕЛ, ОПРЕМА ЗА
ДОМАЌИНСТВА И ЈАВНИ ОБЈЕКТИ, РЕПРОМАТЕРИЈАЛИ И МАШИНИ ЗА ИНДУСТРИЈАТА НА МЕБЕЛ
27.03.-01.04.2012
Најголемиот регионален саем на мебел, опрема за домаќинства и јавни објекти, репроматеријали и машини за индустријата на мебел „МЕБЕЛ 2012“ ќе се одржи од 27. март до 1. април годинава. Исполнет е целокупниот затворен и отворен изложбен простор на Скопски саем со вкупна површина од 16.000 м². Од година во година саемот за мебел ја одразува големата креативност и иновативна сила на производителите и добавувачите во индустријата за мебел и внатрешен дизајн. Како платформа за идеи и иновации, претставува бизнис и тренд манифестација на најдобрите - единствена понуда за уредување ентериери и екстериери, каде што се поставуваат најзначајните порачки во годината и каде може да се види моќта на соработката меѓу експертите за ентериери, архитектурата, дизајнот.
Како најдобар саем за мебел во регионот, МЕБЕЛ 2012 ќе ги открие новите трендови за претстојната сезона. МЕБЕЛ 2012 ќе биде место каде посетителите ќе го пронајдат тоа што ќе го долови нивниот, вкус, желба или сон - инвентивните изложбени простори прикажани преку модерните линии и дизајн на ентериерите, современите машини, гламурот и современоста на новите бањи, кујни, канцеларии и јавни објекти, новите идеи за уредување градини, балкони, салони. Изложбената програма на саемот содржи широка палета на модерни и класични линии на мебел, мебел по порачка, декоративни и други елементи за домаќинство, за јавни објекти и деловен простор, производи и опрема за внатрешно и надворешно уредување, расветни тела, декоративни ткаенини, мебел штофови, подни облоги и друга дополнителна опрема.
Ќе се претстават компании кои дизајнираат и изработуваат мебел и ентериери во чекор со светските трендови и воспоставуваат нови критериуми на македонскиот пазар, компании кои нудат машини и репроматеријали за обработка на плочест материјал, медијапан и масив од производните програми на светски реномирани компании кои покажуваат огромни производни потенцијали и постојано подобрување на квалитетот на своите производи, односно компании кои поседуваат европски сертификати за квалитет.
Значаен составен дел на оваа саемска манифестација, секако е претставувањето на технологијата - машините, алатите, приборот и материјалите за потребите на дрвната индустрија и производството на мебел. За производителите од особен интерес се најновите техничко-технолошки достигнувања на алатите и машините за почетно производство кои што обединуваат повеќе операции со цел да се заокружи производниот процес.
На Меѓународниот саем Мебел 2012 учество ќе земат 150 директни домашни и странски изложувачи од Словенија, Турција, Србија, Хрватска, Грција, Италија и Косово. Покрај директните, присутни ќе бидат и 600 индиректни изложувачи што претставува показател дека странските компании сѐ повеќе го следат и го таргетираат пазарот во Македонија како стратешки важен.
Во рамките на програмските активности на МЕБЕЛ 2012 на саемските изложувачи ќе им бидат доделени и високи признанија за традиционалната награда НОВА ЕРА. Саемското признание се однесува за современ дизајн, квалитетна изработка и естетски достигнувања за сите категории мебел одделно, оценети од страна на стручна комисија, според правилник на наградување и високо одредени критериуми за квалитет на производ, естетски изглед, практичност во употребата, оригиналност, инвентивност, дизајн. Наградното оценување ќе биде во класа на производители и класа на трговци. Разгледувањето и оценувањето на пријавените експонати од стручна комисија ќе се изврши на 27. март, додека наградите свечено ќе бидат врачени на 28. март (среда), во 19:30ч, на Скопски саем.
Се очекува дека МЕБЕЛ 2012 ќе го привлече вниманието на повеќе од 60.000 посетители.
Свеченото отворање на МЕБЕЛ 2012 ќе се одржи на 27.март 2012 (вторник) во 11 часот во Метрополис Арена.
Работното време на саемот е од 10 до 20 часот.
Со почит,
Групација ЕРА – Скопски саем