МЕБЕЛ 2013 - Сите капацитети веќе исполнети15-03-2013
Соопштение за јавност
МЕБЕЛ 2013
СИТЕ КАПАЦИТЕТИ ВЕЌЕ ИСПОЛНЕТИ - ИЗДАНИЕ ШТО НЕ ТРЕБА ДА СЕ ПРОПУШТИ
Еден месец пред да ги отвори портите на своите изложбени хали долгоочекуваната меѓународна саемска манифестација МЕБЕЛ веќе ги има исполнето сите свои изложбени капацитети ветувајќи дека ќе остане еден од најатрактивните и најинспиративните настани во регионот. Меѓународниот саем МЕБЕЛ стана препознатлив бренд во оваа индустрија и се стекна со статусот како еден од најдобрите и најпосетени саеми во Македонија и пошироко во регионот.
Годинава, во периодот од 26. до 31. март, МЕБЕЛ 2013 ќе претставува вистинско место за промоција на најновите трендови во производството на мебел пред потрошувачите. Оваа специјализирана изложбено-комерцијална саемска манифестација со својата деловност и презентација на производи стана своевидна берза на оваа индустриска гранка и место за средба на производителите и трговците од нашата земја, балканскиот регион и пошироко. Учество ќе земат околу 142 директни изложувачи кои покрај од Македонија доаѓаат и од Италија, Грција, Бугарија, Германија, Србија, Хрватска, Словенија, Косово, Австрија, Грција, Република Чешка и кои ќе треба да ја „нахранат“ потребата за функционалност, практичност, удобност, стил, современост, за креирање на ентериери и екстериери за спокојни домови и динамични работни простори. Од година во година забележително е и сè поголемото учество на компании од Република Турција, кои и оваа година, ќе учествуваат во зголемен број. Посетителите може да очекуваат можности да се здобијат со инспирации за нови дизајни во домот, мебел за канцеларии, мебел за градини и настрешници, мебел за кујни и бањи, мебел од бамбус и ратан, оков и галантерија за мебел, декоративни тапети за внатрешни ѕидови од најпознати светски производители, мебел штоф и кожа за тапацирање на мебел, постелнина, теписи, декоративни материјали, осветлување, иновативни парчиња мебел, машини и алати за индустријата на мебел.
За пошироката публика МЕБЕЛ 2013 ќе биде издание кое не треба да се пропушти. Ќе обезбеди сцена на висок квалитет и одржливо произведени производи. Оние со страст за декорирање ќе имаат можност за увид во најновите трендови во дизајнирањето на внатрешен и надворешен простор, осмислување на начинот на кој живееме и комуницираме со просторот - оној во кој живееме, работиме, твориме.
Неизбежни ќе бидат и саемските попусти.
Минатата година оваа саемска манифестација ја посетија 50.000 посетители, а исто така и оваа година се очекува МЕБЕЛ 2013 да привлече уште поголем број на посетители во текот на шесте саемски денови.
Традицијата на овој саем со стручно оценување на изложени експонати на саемот продолжува како и секоја година. Ќе се доделуваат награди во 2 категории: трговци и производители, со по 10 посебни категории.
Збогатување на МЕБЕЛ 2013 ќе претставува и изложбата на антиквитетен мебел и уметнички слики во организација на Асоцијацијата за култура ИКОН, а ќе биде поставена во фоајето на Управната зграда на Скопски саем. Изложбата ќе претставува плод на универзалното братство на творештвото, магичен круг поставен за да ги поттикне убавите чувства за едни времиња.
НАЈДОБРИТЕ НА ЕДНО МЕСТО:
