МЕБЕЛ 2013 – Најбогато издание до сега21-03-2013
21.03.2013
МЕБЕЛ 2013 – Најбогато издание до сега
Саемот за мебел најпосетуван изложбен настан од оваа гранка во регионот
Мебел 2013 е преполн со изложувачи кои својата богата палета ќе ја претстават на македонската јавност од 26. до 31. март на целиот капацитет на Скопски саем.
“Минатата година оваа саемска манифестација ја посетија повеќе од 50.000 посетители. Оваа година се очекува Мебел 2013 да привлече уште поголем број на посетители во текот на шесте саемски денови. Големата заинтересираност од страна на посетитетлите е поради сè почестата потреба односно порив за промена, освежување, адаптирање во своите домови, а пак од друга страна, производителите се спремни со своите креативни дизајн решенија да ги задоволат потребите на потрошувачите.” – изјави оперативниот директор на проектот МЕБЕЛ 2013 – Магдалена Хамбова
Саемот за Мебел ќе биде место за промоција на најновите трендови во производството на мебел пред потрошувачите. Оваа специјализирана изложбено-комерцијална саемска манифестација прерасна во центар за соработка помеѓу производителите и трговците од нашата земја, регионот па и пошироко, во оваа специфична област.
Токму во оваа насока на поддршка на изложувачите, Скопски саем во соработка со Трипле С Груп, за прв пат ќе организираат предавање кое ќе ги обучи изложувачите како преку визуелна комуникација да постигнат добар пласман и продажба на нивните производи. Темата на предавањето е: “Merchandising во Вашиот салон за мебел”, а ќе се одржи на 29.03.2013 (петок) во Конгресен центар - Скопски саем
Над 160 директни учесници од Италија, Грција, Бугарија, Германија, Србија, Хрватска, Словенија, Косово, Австрија, Чешка и Македонија која оваа година како домаќин бележи значителен пораст во изложувачкиот дел со нови производни компании од оваа област. Преку групно учество и оваа година Република Турција ќе го претстави својот изострен вкус за дизајн, производство на мебел и репроматеријали. Посетителите може да добијат дополителна инспирација за уредување и нови дизајни во неколку категории: мебел за дом и ентериер, мебел за кујни и бањи, спални и детски соби; мебел за канцеларии и уредување на канцелариски простор, мебел за градини и хортикултурно уредување, мебел за јавни објекти, машини и алати за индустријата на мебел, како и посебна категорија на акцесоари за уредување на ентериери и екстериери (оков и галантерија за мебел, декоративни тапети за внатрешни ѕидови од најпознати светски производители, мебел штоф и кожа за тапацирање на мебел, постелнина, теписи, декоративни материјали, осветлување, иновативни парчиња мебел).
Традиционално, секоја година овој саем настапува со стручно оценување на изложени експонати на саемот. Во рамките на ова оценување, ќе се доделуваат награди во 2 категории: трговци и производители, со по 10 посебни категории. Свеченото доделување на наградените производители и трговци ќе се одржи на 27. март 2013 година со почеток во 20:00 часот.
Посебна атракција за посетителите ќе биде наградната игра “НАШ ПОДАРОК ЗА ВАШИОТ ДОМ” која се однесува исклучително за набавка на мебел и опрема за домување кај фирмите изложувачи на МЕБЕЛ 2013. Наградите се состојат од 3 вредносни ваучери: првата награда изнесува 43.000 денари, втората награда - 30.700 денари и третата - 18.000 денари.
За целото времетраење на МЕБЕЛ 2013 во фоајето на Управната зграда на Скопски саем ќе се претстави и изложбата на антиквитетен мебел и уметнички слики во организација на Асоцијацијата за култура ИКОН. Изложбата ќе претставува плод на универзалното братство на творештвото, магичен круг поставен за да ги поттикне убавите чувства за едни времиња.
Како корпоративно општествено одговорна компанија, Скопски саем, додели изложбен простор без надомест на СОС ДЕТСКО СЕЛО. Штитениците на оваа Хуманитарна организација во рамките на МЕБЕЛ 2013 ќе имаат своја промоција, ќе го презентираат она што со љубов го создаваат и ќе го споделат и понудат на посетителите. Оваа соработка со СОС ДЕТСКО СЕЛО во иднина ќе прерасне во составен дел од оваа најпосетена манифестација.
Цена на влезниците за посетители е 100 денари за еднократен влез, и 300 денари за цело времетраење на саемот.
