"Саемот на Книгата, саем за љубовта кон пишаниот збор"

САЕМ НА КНИГАТА
8. – 14. АПРИЛ 2014
"Саемот на Книгата, саем за љубовта кон пишаниот збор"
Во периодот од 8.-14. април во Метрополис Aрена на изложбена површина од 3.000м2, , повеќе од 70 издавачи ќе се претстават на 26-тиот по ред Саем на книгата 2014. Саемот ќе обезбеди најголема концентрација на дела од домашни и странски автори, современи и класични литературни дела, стручна научна и белетристичка литература, учебници и училишни прирачници, енциклопедии и дела од областа на културата и уметноста. И оваа година саемот се организира под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија.
Традиционално, како и минатите години и оваа година на Саемот на книгата, како една од најзначајните културни манифестации во земјата, на едно место ќе се претстават најголемите домашни издавачи, но и издавачи од регионот:
-Србија (Народна библиотека на Србија која е официјален претставник на Србија на меѓународните саеми и Вулкан издаваштво)
- Бугарија (Просвета либри)
- Албанија (Тоена, Фан Ноли, Лабова)
- Италија (Centro multiinformativo Italiano поддржано од Амбасадата на Италија)
- Шведска (Амбасадата на Шведска-промоција на детска литература од шведски автори заедно со изложба на расвета)
- Унгарија (Институтот Балаши од Будимпешта, Унгарија и Лекторатот по унгарски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во партнерство со издавачката куќа Или-Или, Скопје организираат претставување на Унгарија, односно унгарската литература, при што ќе бидат изложени преводите на дела од унгарски јазик настанати во изминатите десеттина години со цел да ја доближи унгарската литература до македонската читателска публика).
Читателите секојдневно ќе може да ги следат промоциите на најновите изданија и на нивните автори на голем број домашни и странски издавачки куќи во Промотивниот центар на Галеријата во Метрополис арена.